Симулација на случај „Заборави ако можеш“

16/12/2013

Предавачите по Учиме право го одбележаа 10-ти декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Пред полната сала на ГЕМ Клубот во Менада, поискусните заедно со новите предавачи по Учиме право симулираа дел од казнената постапка, поточно главната расправа како централен стадиум според новиот Закон за казнена постапка (ЗКП).

Имено, овој Закон беше донесен уште во 2010 година, но стапи на сила на 1-ви декември, три години подоцна. Тоа беше дополнителен повод за изведувањето на оваа симулација во која самите предавачи се ставија во улога на судии, обвинети, јавни обвинители и бранители, односно адвокати и се обидоа да ги доловат најбитните моменти и измени во главната расправа. Поточно, попасивната улога на судијата како еден вид модератор на целата главна расправа наспроти активната улога на јавните обвинители и адвокати кои ги сослушуваа сведоците преку директно, вкрстено и дополнително испрашување.

На почетокот на овој настан, Мелита Груевска Грахам, Национален претставник на Меѓународниот центар за развој на миграционата политика, одржа презентација за трговијата со луѓе како кривично дело, каков ефект се предизвикува врз жртвата и понуди различни истражувања и компаративни анализи.

Темата за оваа симулација, трговија со луѓе, беше одбрана токму поради Меѓународниот ден на човековите права затоа што преку овој вид на кривично дело на најдиректен начин се прекршуваат основните човекови права, како на пример правото на живот, на слободно движење, на човеково достоинство и заштита на физичкиот и психичкиот интегритет, забрана за засновање на ропски однос и вршење на тортура и мачење.

На членовите на Учиме право клубовите од оваа учебна година им се укажа можност да се запознаат со симулацијата како алатка која се користи во предавањата и е наменета токму за нив, односно во некоја наредна прилика токму тие ќе ги земат овие улоги и ќе се подготвуваат да симулираат разни случаи.

На крајот следеше мал коктел на кој во неформална комуникација, средношколците ги поставија своите прашања, коментари и мислења и ги споделија своите импресии.


Симулација на случај „Заборави ако можеш“
Предавачите по Учиме право го одбележаа 10-ти декември – Меѓународниот ден...
Средношколска симулација на судење за граѓанска одговорност за навреда и клев...
На 18 јуни 2013 година во Младински образовен форум ќе се...
Средношколци одлучуваа за вооружениот конфликт во Сирија
На 27.04.2013 година во Дом на АРМ во Скопје, членовите на...