Со врски до легло – најзастапено коруптивно дејствие во студентските домови

Денеска, 7ми октомври 2010, Младинскиот образовен форум ги презентираше резултатите од истражување за корупцијата во студентските домови.

Според резултатите од истражувањето може да се изведе заклучокот дека корупцијата во студентските домови е добро позната, секојдневна појава за која студентите се свесни. Според 32% од испитаниците  30 до 50 проценти од леглата се стекнати нелегално.  23% од студентите сметаат дека оваа бројка е 50 до 70 проценти, а 19% од испитаниците сметаат дека над 70 проценти од леглата се стекнуваат на нелегален начин.

Резултатите од истражувањето дадоа јасен одговор на серија прашања:

Каква е перцепцијата на студентите од домовите за проблемот со корупцијата во истите?

 77% од испитаниците се изјасниле дека најголем проблем во студентските домови претставуваат лошите животни услови, а како втор најголем проблем ја издвојуваат корупцијата (44%).

Причините за коруптивно однесување, две третини од студентите ги наоѓаат во преголемото политичко влијание врз управувањето на домовите. Според 52% побарувачката на леглата е поголема од понудата, а според 45% постои недостаток на контрола над кадрите во студентските домови.

 Како најголеми иницијатори на коруптивни дејства во студентските домови студентите ги посочиле партиите и политичките организации. Според 62% од студентите тие често иницираат коруптивни дејства.

Како втор најголем иницијатор на коруптивни дејства студентите го посочиле Студентскиот парламент на УКИМ. Според 54% токму студентите често се јавуваат како иницијатори на коруптивни дејства.

 Дека корупцијата е длабоко вкоренета во студентските домови сведочат и личните искуства на студентите. Дури 34% од испитаниците признале дека некогаш користеле лични познанства за добивање легло или стекнување некакви привилегии во домот, а 64% биле запознаени со такви случаи.

Сподели