Започна истражувањето на состојбата со вознемирувањето и малтретирањето на младите ЛГБТИ лица во Македонија

Субверзивен Фронт, во партнерство со Младински образовен форум, започна со спроведување на истражување на перцепциите и ставовите на младите во Македонија за состојбата со малтретирањето и вознемирувањето засновано на сексуална ориентација и родов идентитет кај младите ЛГБТИ лица.

Истражувањето, кое ќе се одвива од 1 септември до 31 октомври 2015 година, преку употреба на прашалник и фокус групи ќе се обиде да ја мапира состојбата со ваквиот вид на вознемирување и малтретирање врз младите ЛГБТИ лица во и надвор од Скопје. Ова е првпат вакво истражување да се спроведува во Република Македонија, и, со оглед на тоа што ваквиот вид на однесување не се препознава и адресира како проблем кај надлежните државни институции, претставува посебен предизвик за спроведување. Преку истражувањето се очекува да се добијат сознанија за нивото на психолошко и физичко вознемирување и малтретирање, дискриминација и насилство врз младите ЛГБТИ лица на возраст помеѓу 18 и 30 години, кои подоцна ќе послужат за подигнување на свеста и застапување на овој проблем пред надлежните државни институции.

Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста Субверзивен Фронт од Скопје, основано во јуни 2013 година, работи на создавање поповолна општествена и политичка клима за сите кои не се идентификуваат со доминантните хетеронормативни и патријархални вредности и норми, како и на креирање и мобилизирање на органска ЛГБТИ заедница во Македонија. Некои од позначајните активности кои С-Фронт ги има спроведено се креирањето на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата во јануари 2014, и спроведувањето на кампањата „Кажи не на хомофобијата и трансфобијата“ во мај 2014. Младински образовен форум, организација која е присутна во 14 градови во земјава, работи на креирање простор за дебата, слободно изразување и организирање на младите, охрабрување активизам кај нив, и заштита и унапредување на младинските права и политики.
Сподели